Давид Темелков е македонски пејач препознатлив по својот моќен и емотивен вокал, кој многумина го сметаат за еден од најсилните во регионот. Роден е на 21 јуни 1992 година во Скопје, Република Македонија. Љубовта кон музиката ја покажува уште од најрана возраст, а на 12 години го започнува својот музички пат со настап на еден од најпознатите детски фестивали – Златно Славејче. Токму тој ран почеток го означува темелот на кариера која со текот на годините ќе се развие во импресивно уметничко дело.
Пошироката регионална препознатливост ја стекнува во 2015 година со учеството во музичкото шоу X Factor Adria, каде со своите интерпретации ја освојува публиката и критиката. Истата година се преселува во Загреб, каде што започнува неговиот посериозен професионален развој. Во соработка со издавачката куќа Hit Records го објавува својот прв студиски албум Дишам за нас, со кој го потврдува статусот на еден од најперспективните млади вокали на регионалната сцена.





Во 2020 година Давид ја основа својата дискографска куќа Identity Media, која служи како платформа преку која тој го претставува својот авторски и изведувачки труд пред пошироката јавност. Под етикетата на Identity Media, во ноември оваа година ќе излезе неговиот втор студиски албум со наслов СЛУШАЈ ЖИВОТОТ ШТОМ ДИКТИРА. Албумот содржи тринаесет авторски композиции што во целост ја прикажуваат пресликата на Давидовиот живот – искрените емоции, личните искуства и неговиот единствен уметнички печат.
Давид ги потпишува сите текстови и музика на албумот, а во аранжманите соработува со својот долгогодишен продуцент Кристијан Синковиќ, со кого дели ист музички сензибилитет и визија.
Давид е, исто така, чест и омилен гостин на бројни музички фестивали низ регионот. Настапувал повеќепати на ЦMЦ фестивалот во Водице (Хрватска), на Београдско пролече во Србија, како и на фестивалот Сунчане скале во Црна Гора. Особено се издвојува неговиот настап на Mакфест, еден од најпознатите македонски фестивали, каде што во ревијалниот дел ја изведе песната Мојата Македонија. Оваа песна многу брзо прерасна во своевидна втора химна на Македонците во земјата и дијаспората, а токму за неа Давид ја доби престижната награда Златна бубамара на популарноста за 2024 година.
Во текот на својата кариера Давид има одржано голем број концерти и настапувал со најпознатите музички имиња од регионот, меѓу кои Петар Грашо, Јелена Розга, Масимо Савиќ, Нина Бадриќ, Парни Ваљак, Калиопи и многу други.